Изработката на фиокар од масивно дрво претставува совршен спој на традиционално дрводелство и модерна естетика. Во овој проект ќе видите како се поставува горната плоча, како се прави Blind Dovetail фиока со природна прецизност и како се завршува мебелот со ленено уље за природна заштита и топол изглед на дрвото.
За да го завршам фиокарот потребно беше
- да се постави горната плоча на фиокарот,
- да се изработи фиоката, и
- да се исшмиргла (избруси) и заштити дрвото.
Поставување на горната плоча на фиокарот
Еден од начините, можеби и најтежок го објаснивме во претходната статија е со помош на спој лизгачки коси запци (Sliding Dovetail).
Овој начин го одбрав како добар традиционален спој, но како што напоменав во претходната статија беше неуспешен.
Има и други начини на прицврстување на горната плоча, но потребно е да се внимава на движењето на дрвото.
Дрвото се движи во зависност од влагата и температурата, т.е. се шири и собира. Ова ќе го објаснам во некоја друга статија.
Изработка на фиоката со Blind Dovetail спојка
Откако ја изработив првата фиока со dovetail спојка, одлучив и сите наредни да ги правам со овој спој. Фиоките изгледаат доста цврсти и убави, а и при секоја изработка ја подобрувам вештината за работа со дрво.



Така и во овој проект фиоката ја изработив со скриени коси запци (blind dovetail).

Овој пат веќе се осетив посигурен во тоа што го правам.
Но и овој пат направив грешка. А тоа беше што должината на страната ја мерев заедно со чеповите (tenon). Па на таа вредност ја додадов уште еднаш должината на чепот. Така страните испаднаа подолги од предвидените и горната плоча испадна кнап.
Избор на рачка и дизајн на фиокарот
Кога појдов да барам некоја рачка во продавницата за оков заедно со ќерка ми ја избравме оваа ружа, и фиокарот го нарековме Guns N’ Roses фиокарче.



Употреба на лепено дрво и насока на влакната (Woodgrain direction)
Како што се гледа од горните слики, за овој проект користев дрво од лепени даскички. Такви плочи се продаваат во баумаркети, и се добри за почеток. Цената не е превисока и може да се користат за вежба.
Но, ако сакаш да почнеш со продажба на мебел од масивно дрво, тогаш треба (не мора) да се внимава и на Woodgrain direction, влакната на дрвото.
Така, се избира даски за страниците кои се од една плоча. Нешто како single barel кај вискито, од едно буре е подобро отколку да се меша од повеќе буриња.
Така и кај дрвените даски, ако даската е од едно парче се одбира парчето што најдобро изгледа и се одбира шарата што најдобро се вклопува.

Брусење и природна заштита со ленено уље
За полесно брусење си купив електрична брусилка од bosh, не професионалната верзија.

Мала брусилка со триаголнест изглед за хартијата која ја користи. Но, оваа беше со кабел и не можев да ја користам во мојата акустична соба. Затоа понатаму ја заменив со батериска.
После брусењето потребна е заштита на дрвото. Како што во претходните статии напишав јас сум за природна заштита.
Користев уље од лен. Го премачкав фиокарот и беше готов за користење со сите негови недостатоци.
Финален изглед и предности на мебел од масивно дрво
Кога се прави мебел од масивно дрво, дали е од лепено дрво или цели даски, мебелот изгледа убаво и моќно.
За разлика од модерните материјали, дрвото како природен материјал секогаш ќе биде број еден во убавината и цврстината.
Ако и ти си љубител на дрводелството, следи ги наредните статии – таму ќе зборуваме за многу нови теми.
Напишете коментар
Мора да се пријавите за да испратите коментар.