Изработката на клуб маса од масивно дрво е процес кој бара време, внимание и почит кон материјалот. Овој проект во Woodgrainstudio започна од остаток од дабова талпа – половина талпа со ширина од околу 50 cm и должина приближно 1 метар. Наместо да остане неискористена, оваа дабова талпа доби нов живот како рачна изработка на клуб маса, наменета за дневна соба и поставување покрај кауч.
Подготовка на дабовата талпа
Првиот чекор во изработката беше обликување на талпата во правилна форма. Со внимателно засекување се доби правоаголна основа и се отстранија неправилностите на страниците. Целта не беше индустриска совршеност, туку задржување на природниот карактер на масивното дабово дрво.

На неколку места во талпата постоеја мали дупки и природни несовршености. Тие беа пополнети со епокс, исклучиво каде што беше потребно, со цел да се подобри цврстината и практичноста на масата. Овој пристап овозможува стабилност, без да се изгуби автентичниот изглед на дрвото.

Рамнење и рачна обработка
Дабовата талпа беше рамнета со рачен струг. Стануваше збор за дел од талпата кој првично бил доста влажен, а со сушењето дошло до природно движење и благо изобличување на дрвото. Поради тоа, процесот на рамнење одзеде повеќе време, но токму тука доаѓа до израз вистинската вредност на рачната изработка на мебел.
По рамнењето, следуваше фина обработка со шмиргла. Површината постепено се обработуваше со хартија со грубост 120, 180 и 220, со што се доби мазна, но природна текстура, пријатна на допир.

Природен финиш со ленено масло
Како завршна обработка беше избрано ленено масло – природен и традиционален финиш за масивно дрво. Лененото масло ја штити површината, ги нагласува природните шари на дабот и му дава топол, природен сјај. Овој тип финиш е идеален за љубителите на автентичен и еколошки мебел.

Метални ногарки и стабилна конструкција
За контраст со масивното дрво, клуб масата е поставена на метални ногарки. Спојувањето е изведено со двонавојни матици – прво навртени во дрвото, а потоа прицврстени со инбус штрафови кон ногарките. Со вкупно осум навртки се постигнува високо ниво на стабилност и сигурност на масата.

Уникатна клуб маса од масивно дрво
Оваа клуб маса од дабово дрво е пример како од едно парче масивно дрво, со занаетчиски пристап и почит кон материјалот, може да се создаде уникатен мебел со карактер. Секое парче е различно, со своја приказна, структура и текстура – токму она што го претставува Woodgrainstudio.

Напишете коментар
Мора да се пријавите за да испратите коментар.