Кога се набавува талпа за изработка на мебел од масивно дрво, ретко кога таа е подготвена за директна употреба. Обично има доста материјал што треба да се отстрани. Талпите доаѓаат извалкани од складирање, со траги од грубото делење на дрвото, нерамнини, свиоци и слој кој е оксидиран и со сменета боја.


За да дојдеме до „убавиот“ дел од дрвото, со чиста структура и јасни влакна, површината мора да се порамни и да се отстрани горниот оштетен слој. Во модерното столарство ова најчесто се прави со машини – дихт или електричен рачен струг. Но во традиционалното рачно столарство, каде се работи без машини, постојат специјални рачни стругови за оваа фаза: груб рачен струг (Scrub Plane) и првичен рачен струг (Fore Plane).


Некои столари ги поистоветуваат, други прават јасна разлика меѓу нив, зависно од школата и алатите што ги користат. Во оваа статија ќе се задржам главно на грубиот рачен струг, затоа што тој е првиот херој кога треба брзо да се отстрани материјал од талпа.
Што е груб рачен струг (Scrub Plane)?
Грубиот рачен струг (Scrub Plane) се користи за брзо вадење голема количина материјал. Не му е целта мазна површина, туку грубо обликување и доведување на даската „приближно“ во дебелина и форма.
Карактеристики на грубиот струг:
- има заоблен нож на врвот, скоро како полукруг
- сечилото е силно заоблено (како лак) и прави длабоки, тесни канали во дрвото
- долниот отвор е поширок за да пропушти дебели струготини
- работи во дијагонални движења преку влакната за да се отстрани материјал побрзо

Практично, од стар нож за струг можеш да направиш нож за scrub plane – само го заоблуваш на краевите и на средината, и добиваш сечило специјално за грубо вадење материјал.
Со ваков струг брзо се „скинува“ горниот слој на талпата: нечистотија, оксидиран дел, големи нерамнини. Површината после тоа не е мазна, има видливи траги, но талпата веќе е многу поблиску до финалната форма.
Fore Plane – следниот чекор после грубиот струг
Откако ќе се помине со грубиот рачен струг, во традиционалниот пристап следи „Првичен рачен струг“ (Fore Plane).

Fore plane е подолг струг со поблаго заоблено сечило. Неговата задача е:
- да ги израмни длабоките траги оставени од scrub plane
- да ја порегулира дебелината
- да создаде порамна референтна површина за понатамошно фино стругање
Значи: Scrub Plane → Fore Plane → финиш стругови (jointer, smoothing plane).
Рамнење на талпи рачно – реалноста
Рамнењето талпи рачно е спор и физички напорен процес. Потребни се:
- време
- трпение
- остра алатка и често острење
- добра техника и чувство за влакната на дрвото
За вежбање и учење традиционално столарство, грубиот рачен струг е одлична алатка. Дава огромна сатисфакција кога од груба талпа ќе добиеш рамна, употреблива даска само со раце.
Но ако работиш проекти наменети за клиенти, каде времето е пари, мора да размислиш и за механизација – машински рачен струг, дихт. Комбинацијата од машинска груба обработка и рачно фино завршување често е најпрактично решение.
Зошто да го користиш грубиот рачен струг?
Важно е да се знае: кај талпите првичното отстранување на материјалот во рачното столарство не се прави со обичен финиш струг, туку со груб рачен струг (Scrub Plane).
Со обичен рачен струг тоа е практично невозможно – ќе се мачиш, ќе вадиш тенки струготини, ќе ти се затнува отворот и ќе напредуваш многу бавно.
Грубиот струг, пак, е дизајниран да работи агресивно, брзо и ефикасно. Ако сакаш сериозно да влезеш во традиционално рачно столарство, scrub plane и fore plane се алати што дефинитивно вреди да ги имаш во работилницата.
Напишете коментар
Мора да се пријавите за да испратите коментар.