Изработка на фиокар од масивен даб – спојување, детали и завршница

рачно изработен фиокар-наткасна од дабово дрво

Во претходната статија за првиот фиокар од даб објаснив кои принципи ќе ги следам кога изработувам мебел наменет за продажба – секој елемент да биде од едно парче тврдо масивно дрво и, каде што е можно, да се користат традиционални дрвени споеви наместо метал. Таму зборувавме за изборот на талпата, сечењето на ногарките и подготовката на материјалот со resawing.

Во оваа статија продолжуваме таму каде што застанавме: ќе видиме како сите тие подготвени елементи се спојуваат во една целина – од ногарките и страниците, преку предните носачи и лизгачите за фиоката, па сè до горната плоча и завршната заштита со ленено масло.

Принципи за изработка на мебел за продажба

Веќе кога станува збор за мебел наменет за продажба, ги спомнавме принципите по кои ќе се раководиме.

На кратко:

  • секој елемент да биде од едно парче дрво,
  • да се користи тврдо масивно дрво,
  • и да се применуваат традиционални дрвени споеви каде што е можно.

До сега што беше сработено? Исековме четири ногарки од дабова талпа надолжно. Така влакната на дрвото се протегаат по должината и јасно се гледаат од почеток до крај. Со тоа се добива уникатен и конзистентен изглед, но и цврста конструкција.

Со помош на техниката на делење на даската на два дела – resawing, беа поделени даските за страниците на фиокарот и за самата фиока. Поради непрецизното рачно делење на даските, се појавија неправилности и вдлабнатини, па мораше тие да ги пополнам со епоксид. Токму тие темни флеки на сликите се резултат на пополнетите дупки.

Front Stretchers предни носачи на фиока
Front Stretchers предни носачи на фиока

Front stretchers и mortise-tenon споеви

Потоа на ред дојдоа предните носачи – front stretchers, кои ја поврзуваат конструкцијата и ѝ даваат дополнителна стабилност.

Исто така беа направени mortise-tenon (чеп и отвор) споевите на ногарките и страниците.

  • Во ногарките се изработени mortise – вдлабнатини,
  • а на краевите од страниците – тенони (чепови).

Овој традиционален спој е основа на квалитетен дрвен мебел, бидејќи ја држи рамката цврсто и без потреба од метални аголници или штрафови.

Сега, кога основата е готова, останува да видиме како сето тоа се спојува во една рамка. За изработка ни остануваат предните носачи (front stretchers), како и лизгачите за фиоката, кои овозможуваат фиоката да се движи мазно.

Mortise вдлабнатина на ногарка
Mortise вдлабнатина на ногарка

Лизгачи и рамка на фиокарот

Лизгачите за фиоката се класични дрвени лизгачи, поставени на внатрешната страна на рамката. Ваквиот систем е поедноставен од металните механизми, но дава пријатно, традиционално чувство при отворање и затворање.

Со поставување на лизгачите и предните носачи, рамката на фиокарот е практично дефинирана: имаме четири ногарки, странични даски, попречни носачи и подготвено место за фиоката.

Фиока со half-blind dovetail – контраст од јавор и даб

Фиоката, како и во претходниот проект, ја изработив со скриени коси запци (half-blind dovetail). Овој спој е совршен за фиоки бидејќи е:

  • визуелно елегантен од предната страна (спојот не се гледа),
  • многу цврст и отпорен на влечење,
  • и ја покажува занаетчиската страна на работата кога ќе се отвори фиоката.

За фиоката користев комбинација од бело дрво – јавор за страните, и даб за предната страна. Така се добива убав контраст меѓу светлото и темното дрво, а dovetail спојот станува декоративен елемент, не само конструктивен.

half blind dovetail
half blind dovetail

Горна плоча и дрвени спојки за движење на дрвото

За table-top искористив една даска со природна шара направена од влакната на дрвото. Наместо да составувам повеќе парчиња, сакав да ја задржам природната линија и карактерот на дабот во едно цело парче дрво.

Овој пат, за поврзување на горната плоча не користев фиксно лепење по цела ширина. Наместо тоа, користев дрвени спојки за прицврстување на table-top, кои се проектирани така што му дозволуваат на дрвото да се шири и собира во ширина. На овој начин се амортизира движењето на дрвото и се избегнува пукање или искривување со тек на време.

Attach-tabletop
Attach-tabletop

Финална заштита со ленено масло

Откако сè е добро споено и залепено, доаѓа моментот за завршна обработка и заштита.

За заштита на дрвото во овој проект користев ленено масло. Тоа продира во влакната, ја нагласува природната шара и остава мат, природен финиш. На допир се чувствува вистинско дрво, а не дебел, пластичен слој. Овој тип на финиш е многу во духот на Woodgrainstudio – природно, топло и пријатно чувство.

Како изгледа сето тоа на крај?

Кога сите елементи ќе се поврзат – ногарки, страници, предни носачи, лизгачи, фиока со half-blind dovetail и горна плоча со дрвени спојки – фиокарот конечно ја добива својата форма.

Од првата дабова талпа до финалниот слој ленено масло, секој чекор е дел од приказната. Тоа е моментот кога парчето не е само функционален мебел, туку рачно изработен објект со карактер, подготвен да стане дел од нечиј дом.

Comments

Напишете коментар