Кога првпат се соочив со задача да преполовам дрвена даска од даб, мислев дека ќе биде едноставно – неколку потези со пилата и готово. Но, вистината е дека ова е една од најтешките рачни операции во дрводелството.
За да добиеме потенки парчиња од едно масивно дрво, се користи старата техника наречена resawing – преполовување даска по нејзината дебелина. Оваа постапка бара напор и трпение, особено кога се работи рачно, без бансек или друга машина.
Во претходната статија зборувавме дека страничните даски треба да се преполоват на две идентични парчиња, со што се добива дебелина од околу 2.5 см – доволна за страничните ѕидови на фиокарот и за самата фиока.
Бележење и почеток на сечењето
Сè започнува со точно бележење на средината на даската со алат за маркирање или обележување (Marking Gauge).

Линијата мора да биде јасна и видлива од сите четири страни, бидејќи токму таа ќе ја води пилата низ целото сечење. Најпрво се користи тенка јапонска пила за да се направи плиток засек по линијата, а потоа сечењето се продлабочува со пила со покрупни запци.
Процесот е постепен – прво се сече на косо од секој агол, па потоа се оди подлабоко, како во шема на „баклава“.

Но како што пилата навлегува подлабоко, дрвото почнува да ја стега и често се губи правецот, особено кај потврди видови како даб.
Проблемите со обичните пили
Во мојот случај, даските беа со ширина околу 14 см и должина 35 см. На почетокот пилата одеше мазно, но во средината почна да заглавува. Причината беше комбинација од тврдо дрво и мало отстапување од правецот, кое доведува до тоа влакната да ја стегаат пилата.
За да го решам тоа, набавив панел пила (panel saw) – традиционална пила која има подолга плоча и е дизајнирана за подолги засеци. Подоцна пробав и јапонска заменска лента со погруби запци за побрзо сечење. Сепак, бидејќи пилата беше подолга, често врвот застрануваше, и правецот се губеше.

Решението – Frame Saw
По повеќе обиди, најдов решение во класичната frame saw (пила со рамка). Оваа традиционална алатка овозможува двајца занаетчии истовремено да сечат со еднаков притисок, што резултира со рамномерно и побрзо преполовување. Со фина јапонска лента и правилна техника, процесот станува далеку попрецизен и полесен.

Оваа пила ја воведов во подоцнежните проекти, но кај првиот фиокар од даб сè уште сечев рачно, со класични пили.
Поради тоа добив нерамни површини и вдлабнатини кои подоцна требаше да се израмнуваат со рачно ренде или струг.



Горната плоча – најголемиот предизвик
Голем предизвик беше горната плоча на фиокарот, која решив да ја направам од едно цело парче. Тоа бараше преполовување на даска со димензии 50 × 50 см – вистински подвиг без машина. Кога веќе не беше можно да продолжам, ја пресеков даската на половина (50 × 25 см), што многу го олесни процесот.

Заклучок
Преполовувањето на даските, или resawing, е суштински дел од традиционалното столарство. Без оглед дали користите јапонска пила, панел пила или frame saw, најважни се трпението, прецизноста и алатот кој се користи. Денес, со модерни алати како бансек (bandsaw), оваа задача е далеку полесна, но убавината и знаењето стекнати преку рачно сечење се непроценливи.
Со правилно делење-resawing, не само што се штеди материјал, туку се добиваат и уникатни парчиња дрво кои го носат природниот карактер на материјалот – токму она што ја дефинира секоја рачно изработена креација од Woodgrainstudio.
Напишете коментар
Мора да се пријавите за да испратите коментар.