Прв проект за продажба – Изработка на натказна од масивен даб

Талпа Даб половина 1м на 50цм дебелина 5цм

После неколку успешни вежби и пробни проекти, конечно дојде моментот да започнам со изработка на парче мебел што ќе биде наменето за продажба. Овој пат одлучив да ги применам сите знаења што ги стекнав досега – од избор на дрво, до спојување и завршна обработка.

Но, пред да започнам, поставив неколку основни принципи што сакав да ги почитувам во секој чекор на изработката.

Принципи при изработка на мебел од масивно дрво

  1. Материјалот мора да биде масивно тврдо дрво.
    Без иверица, без MDF – само вистинско дрво кое може да трае со генерации.
  2. Секој дел да биде изработен од една даска.
    Сакав природниот тек на влакната и шарите да бидат континуирани, без прекини.
  3. Да не се користат лепени плочи.
    Лепените даски се одлични за учење, но за продажен производ посакував „single board look“ – парче кое дише и старее природно.
  4. Традиционални споеви:
    Косите запци (dovetail), жлебовите (groove, dado), чепови и отвори (mortise-tenon) се дел од занаетчиската естетика што сакав да ја задржам.
  5. Без метални штрафови, колку што е можно.
    Сакавав дрвото само со себе да се држи – со прецизност и рачна изработка.

Избор на талпа од даб

По неколку пребарувања по интернет и разговори со локални продавачи, најдов талпа од даб со должина 2 метри, ширина 50 cm и дебелина 5 cm. Цената беше прифатлива, па без многу двоумење тргнав да ја купам.

Кога стигнав, забележав дека талпите беа складирани под стреа – изложени на влага и промени во температурата. Сепак, решив да ризикувам. Продавачот ја пресече талпата на два дела:

  • првата половина ја планирав за натказна,
  • а втората ја оставив за клуб маса – идеја што ќе ја развијам во некоја наредна статија.

Првите проблеми – дрво нападнато од бубачки

Кога ја донесов дома, мислев дека ќе почнам со планирање и сечење. Но, наместо тоа, ме пречека вистински кошмар – талпата беше нападната од бубачки-дупчалки (wood-boring beetles).

Дрвото беше полно со ситни дупчиња и при допир се чувствуваше дека е меко и влажно.На почетокот пробав со „домашна метода“ – ги полнев дупките со супер-лепак. Но, како што стругав и брусев, така се појавуваа нови и нови дупки. Очигледно, бубачките беа подлабоко во дрвото отколку што мислев.

Решение против дрвени бубачки

бубачки-дупчалки во дрво (Wood-Boring Beetles)
бубачки-дупчалки во дрво (Wood-Boring Beetles)

После кратко истражување, најдов хемиско средство за импрегнација на дрво кое навлегува длабоко во порите и делува како инсектицид. Со неколку премачкувања и сушење помеѓу нив, успеав да го запрам ширењето на штетата.

Но, процесот траеше со недели. Речиси еден месец ја обработував талпата – сушење, премачкување, пополнување на дупчињата со супер-лепак преку тенки цевчиња што продираат длабоко. Конечно, после голема борба, дрвото почна да изгледа стабилно и подготвено за обработка.

Сечење на ногарките

Следниот чекор беше изработка на четири ногарки за натказната. Бидејќи талпата беше дебела 5 cm, мораше надолжно да ја пресечам за да добијам нозе со иста дебелина и правилна форма.За тоа користев јапонска пила – рачен алат познат по својата прецизност и тенко сечење.
Работата одеше бавно и бараше трпение, но резултатот беше вреден. Секое парче беше прецизно, а влакната на дрвото се совпаѓаа совршено.

Ногарка од Талпа пресечена
Ногарка од Талпа пресечена
Сечење ногарки од талпа со помош на Јапонска пила
Сечење ногарки од талпа со помош на Јапонска пила

Подготовка за странични даски и фиоки

Откако ги завршив ногарките, следеше подготовка на страничните даски.
За да ги добијам во соодветна дебелина, требаше да ја преполовам даската по нејзиниот раб – техника позната како resawing. Тоа значи дека од една даска добив две потенки даски со идентична шара и боја.Оваа техника е многу тешка кога се работи рачно, бидејќи бара прецизност и контрола над правецот на сечењето. Затоа многумина користат бансек (band saw) – машина што ја олеснува оваа работа. Но, јас решив да одам по традиционалниот пат, барем за овој проект.

Искуството се гради чекор по чекор

Овој проект ме научи повеќе отколку што очекував. Сфатив дека изборот на материјал е клучен. Колку и да е ниска цената, ако дрвото не е суво, здраво и без штетници – времето и трудот можат да се изгубат залудно.

Сепак, секој проблем што се појави ме направи поискусен. Научив како да препознаам оштетено дрво, како да го спасам и како да го подготвам за работа без да ја изгуби својата природна убавина.

Зачлени се и не пропуштај нова статија

Comments

Напишете коментар