Најпрвин, сè започна во 2022 година кога ми затреба регал со неколку полици ширина од околу 50 см висина 1 м до 1.5 м.
Веднаш тргнав да барам по салоните за мебел и сè што видов беше изработено од иверица и не одговараше на мојата замисла. Еве неколку примери што до некаде одговараа на тоа што ми требаше:




Потоа, откако разгледав идеи за дизајн и неуспешен обид за прототип, се одлучив за нешто минимално, но цврсто, со три нивоа за книги, растенија и други предмети.
Одлука за изработка со масивно дрво
Следно, го избрав боровото дрво како материјал. Не само што е прифатливо со цена, туку и дава убав, рустикален изглед кога ќе биде завршен. Борот е меко дрво и лесно за работа.
Прво, почнав со избирање на парчињата што ми се потребни:
- една голема плоча од борово дрво за полиците
- четири ногарки како столбови на кои ќе се прицврстат плочите.
- Дрвени типли за да ги споам панелите со ногарките.
Процес на изработка на регал со неколку полици
Второ, процесот започна со сечење на боровите панели по големина. Внимателно ја измерив секоја полица, осигурувајќи се дека добро ќе се вклопат во просторот што го имав на ум.
Набавив обична пила за сечење дрво со големи запци и мала работна масичка. Еве како изгледаше мојата прва работна маса:

Со мојата прва пила за дрво, ги исеков панелите, а потоа ги изшмирглав додека не станат мазни и подготвени за склопување.
Креирање на рамката
Третиот чекор беше да се создаде рамката. Сакав полицата да биде стабилна, па затоа се одлучив за дрвена рамка направена од четири ногарки. Користејќи комбинација од лепак за дрво и дрвени типли, ги споив парчињата од рамката заедно. Типлите обезбедија силна врска, додека лепилото за дрво обезбеди дополнителна стабилност.

Откако рамката беше склопена и полиците беа безбедно залепени, ги започнав последните чекори.
Заштита на дрвото
Последно, потребна беше заштита на дрвото. Се одлучив со што поприродни состојки како на пример: лак од ленено масло или на англиски Linseed oil varnish – organic wood protection.
Додадов слој дрвена завршница за да ја нагласам природната убавина на борот. Влакната на дрвото навистина се истакнуваа, а светло златната боја му даде привлечен, топол изглед. Сега полиците имаат одличен сјај и го облагородија просторот. Потоа регалот го оставив да се исуши преку ноќ, осигурувајќи се дека лепакот и лакот се исушени.
Направени грешки
Утредента, кога го поставив регалот до ѕидот, забележав дека ногарките не се порамнети и дека едната страна е навалена и не е рамна.
За да го решам овој проблем и да ја израмнам прецизно, нарачав 4 нивелирни ногарки. Со вртење на завртка, секоја ногарка може да се израмни поединечно, а полицата може да се прилагоди за безбедно да стои на подот.

На крај ми беше мило дека сам, рачно, изработив регал со полици која не беше само функционална, туку и убаво се вклопи во просторот.
Ова беше мојот прв проект со дрво, ама не и последен. Така започнав сè додека не ми текна да правам фиокар. Но тоа во наредниот пост.

Напишете коментар
Мора да се пријавите за да испратите коментар.